
Согласно регулативата, грејната сезона трае до 15-ти април и истата може да биде продолжена до 30-ти април, во зависност од временските услови. Во периодот од 16-ти до 30-ти април, испорака на топлинска енергија се врши доколку прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е помала или еднаква на 12 степени Целзиусови (согласно податоците од Управа за хидрометеоролошки работи). Одлука за испорака на топлинска енергија во деновите после 15-ти април, на дневно ниво носи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ.
По завршување на грејната сезона, Снабдување со топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје ќе изврши порамнување на авансниот и реалниот надоместок во сметките за месеците мај, јуни и јули. Во текот на целата година, потрошувачите во своите сметки добиваат податок колку енергија потрошиле, како и за износот на разликата меѓу потрошената и прогнозираната топлинска енергија.
Висината на порамнителните сметки, е различна за секој потрошувач и зависи од карактеристиките и енергетската ефикасност на објектот и секако од количината на испорачана топлинска енергија во согласност со надворешните временски услови.