Над половина од потрошувачите ќе добијат пониски порамнителни фактури за греење



Поголем дел од приклучените потрошувачи кои ги плаќаат фактурите на 12 месечни рати (53%) оваа грејна сезона ќе добијат пониски порамнителни фактури споредено со авансните. Сепак, висината на порамнителните фактури е различна за секој потрошувач и зависи од карактеристиките и енергетската ефикасност на објектот и од количината на испорачана топлинска енергија до објектот.

Грејната сезона 2020/2021 се одвиваше во услови на епидемија и испораката на топлинската енергија беше регулирана со посебни услови за испорака. Грејната сезона започна на 15 октомври, но поради надворешните временски услови траеше десет дена подолго од вообичаеното, односно беше продолжена до 25 април. Просечните надворешни температури во некои месеци беа значително пониски од прогнозираните кои се користат во пресметката на авансните фактури.

Потрошувачите, во текот на целата година, во фактурите добиваат податок колку енергија потрошиле, како и за износот на разликата меѓу потрошената и прогнозираната топлинска енергија. Ако при порамнувањето се утврди дека е потрошена повеќе топлинска енергија отколку што авансно е пресметана, тогаш разликата се распределува на три еднакви рати и соодветно се фактурира во фактурите за месеците мај, јуни и јули. Ако пак потрошувачот авансно платил повеќе отколку што е утврдено при мерењето на потрошената топлинска енергија, тогаш разликата ќе му биде вратена.

На висината на порамнителните фактури за топлинска енергија кај потрошувачите на системот за централно греење негативно влијание имаат потрошувачите кои се исклучуваат од системот за централно греење како и оние потрошувачи кои се исклучуваат и се ослободуваат од фиксниот надоместок.  Во овој момент бројот на исклучени станбени единици во објекти кои се затоплуваат преку системот за централно греење изнесува 13027, од кои 6.794 се ослободени од плаќање на фиксниот надоместок.