Испораката на топлинска енергија се одвива нормално, потрошувачите да внимаваат на внатрешната инсталација



15.01.2017, Скопје –  Испораката на топлинска енергија преку централниот вреловоден систем се одвива нормално, без сериозни дефекти и потрошувачите се снабдуваат со топлинска енергија согласно потребните дневни дијаграми на испорака. Екипите на Дистрибуција на топлина Балкан енерџи во засилен состав постојано се на терен  во насока на брзо детектирање и решавање на евентуалните дефекти во системот.

Во изминатиот период на екстремно ниски температури после кој следеше период на затоплување, забележани се случаи на дефекти на внатрешната инсталација пред се кај некои деловни потрошувачи и индивидуални куќи. Причините за тоа се несоодветно третирање на внатрешната инсталација од која во периодот на екстремно ниски темератури била подложна на мрзнење, бидејќи дел од инсталацијата во одредени простории била исклучена од централниот систем на греење од страна на потрошувачите и истовремено просториите каде е сместена инсталацијата и радијаторите биле изложени на негативни температури. Екипите на Дистрибиција со топлина Балкан енерџи интервенираа и времено ги исклучија од мрежа овие потрошувачи кои интервенираат на остранување на дефектите.

„Апелираме до потрошувачите да внимаваат на своите внатрешни инсталации и да ги одржуваат во состојба која ќе спречи мрзнење на инсталацијата и грејните тела. Препорачуваме да не се исклучуваат делови од грејната инсталација и радијатори во простории кои се изложени на негативни температури„.

Стручните екипи на Дистрибуција со топлина Балкан енерџи остануваат на терен.

За дополнителни информации потрошувачите можат да се обратат во Центарот за грижа на потрошувачи на тел: (02) 3076 200