
Топол дом е наш заеднички интерес, а задоволството на потрошувачите е наш врвен приоритет. Затоа „Снабдување со топлина Балкан енерџи“ е секогаш посветен на обезбедување квалитетно снабдување со топлинска енергија и најквалитетна услуга, согласно со утврдените правила и регулативи. Како кориснички ориентирана компанија, освен за квалитетна испорака на топлинска енергија, се грижиме и за навремено информирање на нашите потрошувачи за сите прашања поврзани со испораката на топлинска енергија преку системот за централно греење на БЕГ.
Имајќи предвид дека кон крајот на грејната сезона, односно после 15 март надворешните временски услови се променливи и како такви се посебно третирани во регулативата поврзана со испораката на топлинска енергија, сметаме дека е добро да ги запознаеме нашите потрошувачи и јавноста со условите за испорака на топлинска енергија во овој период на годината.
Испораката на топлинска енергија до секој краен потрошувач се врши по строго утврдени правила, усвоени од Регулаторната комисија за енергетика. Условите по кои се врши испораката на топлинска енергија се дефинирани во Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија и Правилата за снабдување со топлинска енергија. Согласно со регулативата, снабдувањето со топлинска енергија по правило се врши во периодот од 15 октомври во тековната, до 15 април во наредната календарска година. По исклучок, снабдувањето со топлинска енергија на потрошувачите може да се врши и по 15 април, но не подоцна од 30 април. Конечната одлука за испорака на топлинска енергија во деновите по 15 април ја донесува Регулаторната комисија за енергетика, согласно со известувањето од страна на регулираниот производител на топлинска енергија за исполнување на условите според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија.
Според регулативата, снабдувањето со топлинска енергија на тарифните потрошувачи во месеците март и април, односно на крајот од грејната сезона, зависи од надворешните температури и од атмосферските услови во различни периоди од денот. Така, кога надворешните дневни температури ќе достигнат одредени гранични вредности при точно дефинирани атмосферски услови, се врши прекин на испораката на топлинската енергија, односно системот за централното греење се исклучува. По направениот дневен прекин на испорака на топлинска енергија, кога надворешните дневни температури ќе се под одредени гранични вредности се стартува со испорака на топлинска енергија, односно централното греење повторно се вклучува.
Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија детално ја дефинираат испораката на топлинска енергија во работни денови, викенд и празници, прекините во испораката на топлинска енергија при сончево и при облачно време, прекини на испораката при крајот на денот како и стартувањето на испорака на топлинска енергија по направените прекини. Овој документ може да се најде на нашата веб-страница.