Често поставувани прашања и одговори


1. Во кој период се врши снабдување со топлинска енергија?

Одговор
Снабдувањето со топлинска енергија по правило се врши во периодот од 15 октомври во тековната, до 15 април во наредната календарска година.

По исклучок, снабдувањето со топлинска енергија на потрошувачите може да почне и пред 15 октомври, но не и пред 1 октомври, доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12 ˚С, според податоците од Управата за Хидрометеоролошки работи на Република Македонија. Снабдувањето со топлинска енергија на потрошувачите може да се врши и по 15 април, но не подоцна од 30 април, доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12 ˚С, според податоците од Управата за Хидрометеоролошки работи на Република Македонија.

Конечната одлука за испорака на топлинска енергија во деновите пред 15 октомври и по 15 април ја донесува Регулаторната комисија за енергетика, согласно известувањето од страна на регулираниот производител на топлинска енергија за исполнување на гореспоменатите услови.

2. Кои се главните обврски на потрошувачот?

Одговор
Главни обврски на потрошувачот се:

Да потпише договор за снабдување со топлинска енергија,

Да ја одржува техничката и функционалната исправност на грејната инсталација,

Да ги плаќа фактурите за греење.

3. Зошто исклучен потрошувач во колективен станбен објект добива фактура?

Што треба да направи исклучен потрошувач за да се ослободи од обврската за плаќање на месечен надоместок за ангажирана топлинска моќност?

Одговор

Сопственикот на посебен дел во станбени, станбено-деловни, деловно-станбени и деловни објекти каде распределбата на надоместокот се врши преку еден мерен уред, а кој не е приклучен на системот за централно греење има обврска да го плаќа фиксниот дел од вкупниот надоместок за топлинска енергија кој се определува согласно Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија.

Од обврската за плаќање на фиксниот дел од надоместокот за топлинска енергија се ослободува сопственикот на посебниот дел кој не е приклучен на системот за централно греење ако  поднесе барање за ослободување (формулар изготвен од снабдувачот и одобрен од РКЕ), приложи предвидени валидни документи во еден од наплатните центри на Снабдување со топлина Балкан енерџи и го исполнува некој од  следните услови

  • Сопственикот на посебен дел живее во него и кај снабдувачот кон барањето за ослободување како доказ приложи валиден документ (лична карта на сопственикот или член на неговото потесно семејство кој живее во станот на увид, имотен лист не постар од 30 дена од денот на поднесување на барањето и седум последни сметки за потрошена електрична енергија во грејна сезона, при што вкупната потрошувачка на електрична енергија во периодот од 1 октомври до 30 април треба да е поголема од 1500 kWh)
  • Сопственикот на посебен дел го наследил, добил на подарок или го стекнал по друг правен основ и кај снабдувачот кон барањето за ослободување како доказ приложи валиден документ (лична карта на увид, имотен лист не постар од 30 дена од денот на поднесување на барањето и седум последни сметки за потрошена електрична енергија во грејна сезона, при што вкупната потрошувачка на електрична енергија во периодот од 1 октомври до 30 април треба да е поголема од 1500 kWh),
  • Сопственикот на посебен дел го дава на користење и кај снабдувачот кон барањето за ослободување како доказ приложи валиден документ и тоа:
    • за корисник физичко лице (лична карта на корисникот на објектот на увид, имотен лист не постар од 30 дена од денот на поднесување на барањето, договор за закуп заверен на нотар и седум последни сметки за потрошена електрична енергија во грејна сезона, при што вкупната потрошувачка на електрична енергија во периодот од 1 октомври до 30 април треба да е поголема од 1500 kWh),
    • за корисник правно лице (имотен лист не постар од 30 дена од денот на поднесување на барањето, договор за закуп заверен на нотар и седум последни сметки за потрошена електрична енергија во грејна сезона, при што вкупната потрошувачка на електрична енергија во периодот од 1 октомври до 30 април треба да е поголема од 1500 kWh)

Снабдувачот е должен во рок од 15 дена од денот на уредно доставеното барање за ослободување од сопственикот на посебниот дел, да донесе да решение со кое се уважува или одбива барањето за ослободување. Ако снабдувачот не го ослободи од обврската за плаќање на фиксниот дел од надоместокот за топлинска енергија, сопственикот на посебен дел има право да поднесе приговор до Регулаторната комисија за енергетика.

Снабдувачот има право да врши периодична контрола на сопствениците на посебни делови кои што веќе добиле ослободување и да изврши промена на нивниот статус со донесување на решение, доколку при контролата утврди дека не се исполнети условите. Потрошувачот има право против решението на снабдувачот, да поднесе приговор до Регулаторната комисија за енергетика.

4. Од што се состои надоместокот на мерното место?

Одговор
Надоместокот на мерното место се состои од надомест за ангажирана топлинска моќност (фиксен дел) и надомест за потрошена топлинска енергија (варијабилен дел). Снабдувачот е должен по добиените податоци од Дистрибутерот за испорачаната топлинска енергија на ниво на мерно место, да го пресмета надоместокот на топлинска енергија на ниво на потрошувач.

5. Од што зависи потрошената топлинска енергија?

Одговор

Потрошувачката на топлинска енергија во објектот, зависи од повеќе фактори како што се : надворешните климатските услови, термичките карактеристики на објектот, внатрешната  температура и топлинската моќност во објектот.

Со примена на одредени мерки за енергетска ефикасност во објектите, може да се влијае на потрошувачката на топлинска енергија  и да се остварат значајни финансиски заштеди и еколошки придобивки, а истовремено да се подобри и комфорот на греењето во објектот.

Во насока на подобра енергетска ефикасност е и одржувањето на разумно комфорна температура,  при што треба да се има во предвид дека високата температура во просториите кои се греат значи поголема потрошувачка на топлинска енергија и висока фактура за греење.

Повеќе во брошурата за ефикасно греење

6. Како се врши задолжувањето на потрошувачите од категоријата станбените потрошувачи на 12 месеци?

Одговор
Потрошувачите кои го плаќаат надоместокот за топлинска енергија во 12 месечни рати се задолжуваат со авансни фактури во периодот од август до април, додека во месеците мај, јуни и јули добиваат порамнителни фактури со кои се врши израмнување на задолженијата согласно авансно фактурираниот износ во периодот од август до април и потрошената топлинска енергија во грејната сезона од октомври до април.
Основа за дефинирање на авансната фактура е прогнозираната потрошувачка на топлинска енергија за тековната грејна сезона, прогнозирани параметри за ангажираната моќност и грејна површина на објектот како и важечките тарифни ставови за ангажирана моќ и топлинска енергија.

7. Како се врши задолжувањето на потрошувачите од категоријата деловни потрошувачи?

Одговор
Деловните потрошувачи не добиваат порамнителни фактури. Фактурите кај деловните потрошувачи за период мај – септември се состојат само од надомест за ангажирана топлинска моќност (фиксен дел), за да во периодот октомври-април фактурите кој ги добиваат деловните потрошувачи се состојат покрај од надомест за ангажирана топлинска моќност, и надомест за потрошена топлинска енергија.

8. Зошто некои потрошувачи добиваат повисоки порамнителни фактури?

Одговор

Повисоки порамнителни фактури може да се добијат од следниве причини:

  • Пониска надворешна температура во тек на грејната сезона од прогнозираната  која се користи при изготвување на авансите фактури
  • Поголем број на грејни денови во тек на грејната сезона од прогнозираните во авансните фактури
  • Прегревање на објектот – Повисока температура во домот значи и поголема потрошувачка на топлинска енергија, што е правопропорционално со големината на порамнителната фактура.

9. Што доколку потрошувачот ја нема добиено фактурата?

Одговор
Доколку потрошувачот од која било причина најкасно до 15 во тековниот месец не добие фактура за претходниот месец, должен е истата да ја побара од Снабдувачот, во спротивно ќе се смета дека истата му е навремено доставена.
Фактурата е потребно да се плати до валутата (рокот на плаќање) определен на самата фактура.

10. Каква е процедурата во случај кога температурата во станот е помала од 20°C?

Одговор

Ако во станот или деловниот простор има проблем со греењето, потрошувачот тоа треба да го пријави во Центарот за грижа на потрошувачи. По пријавата, стручно лице ќе направи  проверка и соодветно ќе интервенира или ќе го информира потрошувачот за проблемот како и за тоа што е потребно потрошувачот да преземе, со оглед на тоа дека одржувањето на внатрешната инсталација е обврска на потрошувачите.

Доколку потрошувачот по преземената интервенцијата повторно е незадоволен од квалитетот на греење, може да поднесе приговор или барање за проверка на квалитет на греење во наплатните центри на компанијата.

По поднесен приговор или барање, Снабдувачот ќе постапи согласно Правилникот за утврдување на квалитетот на испорачана топлинска енергија и врз основа на утврдената состојба ќе донесе Решение за кофициентот за корекција на фактурите за топлинска енергија, за тековната грејна сезона.

11. Зошто е потребно потрошувачот да склучи договор за снабдување со топлинска енергија?

Одговор

Со цел, регулирање на меѓусебните права и обврски помеѓу Снабдувачот и потрошувачот, согласно законските и подзаконските акти, неопходно е, да потпишете Договор за снабдување со топлинска енергија во нашите наплатни центри

12. На која собна температура се загреваат просториите?

Одговор
Согласно регулативата, во текот на грејната сезона снабдувачот има обврска да обезбеди минимална температура од 20+1º C во грејните простории во времето од 06:00 до 22:00 часот во текот на денот, при потполно отворени радијаторски вентили, во објекти во кои не е нарушен енергетскиот биланс и внатрешната грејна инсталација е технички и функционална исправна.

13. Дали може да се покачи или намали собната температура во станбени згради?

Одговор

Зголемување или намалување на собната температура може да се изврши во колективните станбени објекти единствено по барање на Управителот или Заедницата на сопственици доставено по електронска пошта или во архива на компанијата. Во случај кога од иста топлинска подстаница се снабдуваат делови од објектот со различни управители или заедници на сопственици, барањето за промена на режимот и нивото на испорака на топлинска енергија на мерното место, се врши со писмена согласност од сите управители или заедници на сопственици.

При тоа потрошувачите треба да имаат предвид дека зголемувањето на собната температура, централно, од потстаницата, ќе резултира со зголемени фактури за греење, а тоа нема да е решение на локалните проблеми со недоволно греење на одредени локации во објектот. За функционален систем за греење неопходно е редовно одржување на внатрешната грејна инсталација.

Со намалување на собните температури можат да се елиминираат појавите на непотребно прегревање на објектот и да се намалат трошоците за топлинска енергија на ниво на целиот објект, а притоа да се задржи оптимален комфор во согласност со законски пропишаните температури.

Потрошувачите во индивидуалните станбени објекти, кои имаат пристап до своите топлински станици  самостојно го регулираат греењето согласно потребите.

14. Зошто моите радијатори не се “жешки”?

Одговор
Единствен критериум за квалитетот на греењето е собната температура, а не колку се радијаторите загреани. Температурата на водата во нив се регулира автоматски во топлинската станица, во зависност од температурата на надворешниот воздух. Кога надвор е поладно, потребата за греење на објектот е поголема, па радијаторите се позагреани. Обратно, на потопло, потребно е пропорционално помалку топлинска енергија, за одржување на постојана собна температура.

15. Имам проблем со греењето. Каде да се обратам и кој треба да интервенира?

Одговор
Проблемот треба да го пријавите во Центарот за грижа на потрошувачи и наша екипа ќе дојде да провери дали станува збор за проблем во топлинската станица или локален проблем, на едно или повеќе грејни тела (во станот или локалот), и соодветно ќе интервенира или ќе Ве информира каде точно е проблемот и што можете понатаму да преземете, со оглед на тоа дека одржувањето на внатрешната инсталација е ваша обврска.

16. Плаќам редовно, а немам греење кога надвор малку ќе се стопли. Зошто?

Одговор
Согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија, донесени од Регулаторната комисија за енергетика, Снабдувачот е должен во периодот од 06-22 часот да ви ја одржува пропишаната внатрешна температура од 20+1 °С. Времето на испорака на топлинска енергија зависи од надворешните услови. Во најладните месеци е најдолга испораката, додека пак во потоплите месеци топланите работат со дневни прекини кога е висока надворешната температура. Условите (надворешна температура, временски услови и сл.) при кои се врши испорака и прекин на работата на топланите се детално објаснети во Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија за греење.

Земајќи во предвид дека потрошувачката на топлинска енергија се регистрира на мерилото во топлинската станица и дека според неа се изготвуваат сметките за греење, јасно е дека колку повеќе се греете, толку повеќе плаќате. Периодите кога немате греење (пример кога системот е исклучен на високи надворешни температури), на мерилото не се регистрира енергија, односно сметката која ја плаќате е само за потрошената топлинска енергија. Свесни сме дека има потрошувачи кои би сакале да грееме без прекин, но секако дека има и такви кои се против тоа и сакаат да заштедат повеќе. Сведоци сме за порастот на цените на горивата и енергијата низ целиот свет. Затоа, сите ние мора да посветуваме повеќе внимание на енергетската ефикасност на објектите и инсталациите, односно на разумното користење на енергијата. Во тој контекст, непрекинато греење на високи надворешни температури (кога е непотребно), ќе значи повисока собна температура од пропишаната и повисока сметка за сите корисници. Токму затоа, постојат технички прописи кои го регулираат ова прашање.

17. Зошто немам греење заради дефект во внатрешна инсталација на друг корисник? Треба да се грејам на струја, а плаќам за парно.

Одговор
Доколку кај некој корисник се јави течење, а истото не може да се изолира, потребно е да се затвори топлинската станица и да се испразни водата од инсталацијата за да се спречи поголема штета. Внатрешната инсталација е заедничка за сите или за дел од потрошувачите (таму каде има повеќе топлински станици) во еден објект. Радијаторите се поврзани преку систем на цевководи со топлинската станица и затоа кога таа е затворена, ниту еден потрошувач нема греење. Во периодите кога заради ваков дефект немате греење, објектот не троши енергија и вашата сметка ќе биде соодветно помала. Инсталацијата се полни кога потрошувачот, од каде било пријавено течењето, пријави во Центарот за грижа на потрошувачите дека дефектот е отстранет.

18. Зошто немам греење кога нема струја до топлинската станица?

Одговор
Пумпите во топлинските станици служат за да се обезбеди циркулација на топлата вода низ внатрешната грејна инсталација на објектите. Тие не можат да работат кога нема довод на електрична енергија до топлинската станица. Согласно Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија, донесени од Регулаторната комисија за енергетика, станарите се должни да ја доведат електричната енергија до топлинската станица, односно да ги отстранат евентуалните дефекти и да ги плаќаат трошоците за потрошувачката на електрична енергија.

19. Течење! Што да правам?

Одговор

Појава на знаци на течење и истекување на вода од внатрешната грејна задолжително пријавете го  во  Центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви 02/3076-200 и 075-400-100 со избирање на опција 1.

Во најкраток можен рок дежурната екипа на БЕГ ќе го запре течењето.

Санирањето на дефектот на внатрешната грејна инсталација е во надлежност исклучиво на потрошувачите и за тоа е потребно да ангажирате компании или стручни лица кои се занимаваат со сервис на внатрешна грејна инсталација.

МОЈ СЕРВИС, нуди професионални сервисни услуги и решавање на проблеми со внатрешната грејна инсталација.

20. Сакам да се испразни водата од објектот. Што треба да направам?

Одговор

Празнење на водата од грејната инсталација на објектот се врши по поднесено барање од страна на потрошувачот, сопственик на посебен дел од објектот во еден од наплатните центри на компанијата. При поднесување на барањето, потрошувачот е потребно да прикаже на увид документ за идентификација. Трошоците поврзани со услугата за празнење на водата од грејната инсталација се обврска на потрошувачот. Доколку сопственикот на имотот не е во можност лично да дојде во наплатниот центар, може да ополномошти друго лице, кое во негово ќе ги потпише потребните документи.

Службите на групацијата БЕГ го вршат празнењето на водата од грејната инсталацијата, во термин договорен со подносителот на барањето. Во текот на грејната сезона, ваквите активности по правило се вршат навечер, по прекин на работата на топланите, со цел да не се наруши испораката на топлинска енергија кај останатите потрошувачи во објектот. Напоменуваме дека се дефинирани рокови за држење на грејната инсталација без вода, и тоа:

  • во период од 01.05. – 30.09. ограничувањето е 7 дена, но не подоцна од денот на почетокот на грејната сезона;
  • во период од 01.10. – 30.04. грејната инсталација може да се држи без вода само во временскиот период кога топланите не испорачуваат топлинска енергија;

По завршување на интервенцијата, потрошувачот е должен тоа да го пријави во Центарот за грижа на потрошувачи, со цел службите на групацијата БЕГ да ја наполнат грејната инсталација со вода.

21. Живеам во станбен објект. Чии се цевките (вертикалите) кои поминуваат низ мојот стан? Дали може да ги исечам ако не се грејам на парно?

Одговор
Не. Во колективните станбени објекти важат одредени правила на заедничкото живеење. Согласно Законот за домување, составен дел од станбените згради и заедничка сопственост на сите станари се меѓудругото, заедничките инсталации, уреди и опрема. Значи, вертикалите не се ваша сопственост, туку заедничка сопственост на станарите. Доколку ги исечете вертикалите во вашиот стан, директно ќе бидат погодени потрошувачите кои се снабдуваат со тие вертикали. Затоа е недозволено и е казниво со 300 евра глоба по Законот за домување.

22. Живеам во куќа и имам пристап до топлинската станица. Заради новиот режим на работа на топланите, ноќе добивам греење. Како можам да си го регулирам греењето по сопствена желба?

Одговор
Имате повеќе опции. Првата е рачна регулација, која по правило се врши на вентил на повратниот цевковод во топлинската станица и голем број на корисници во индивидуални објекти тоа го практикуваат. Втората опција е да инвестирате во регулациона опрема во топлинската станица. Во основа, тоа може да биде ON-OFF вентил со тајмер, кој ќе може да се програмира да отвора и да затвора кога вас ви е потребно и со кој ќе командувате вие – далечински, од соба или на лице место (зависи од изборот). Така би можеле да штедите во периодите кога не сте дома. Имајте во предвид дека вентилот треба да ги задоволува техничките критериуми – притисок до 16 бари и температура до 120 °С, а се монтира на повратниот цевковод на примарниот дел од топлинската станица. Другата варијанта е нешто посложено, но подобро решение, кое се состои од топчест вентил со електромоторен погон и контролер поставен во соба, кој ја мери и одржува постојана внатрешната температура, по ваша желба. Исто така може да се подесуваат и периоди на греење. Ваква опрема можете да набавите од фирми кои се работат со греење.

23.Дали можам да се исклучам од системот за централно греење?

Одговор
Потрошувачот приклучен на системот за централно греење и кој од било кои причини не сака да користи топлинска енергија може да изврши

  • поединечно исклучување или поединчено времено исклучување на посебен дел од објектот од системот за централно греење во станбени, станбено-деловни, деловно-станбени и деловни објекти каде распределбата на надоместокот се врши преку еден мерен уред на влез во топлинска подстаница