БЕГ-Снабдување воведе електронски систем за плаќање на сметките за топлинска енергија



22.11.2016, Скопје – Снабдување со топлина Балкан енерџи воведе нова дополнителна можност за електронско плаќање на сметките, односно фактурите за топлинска енергија. Новата BegEPay платформа на потрошувачите им овозможува на брз и едноставен начин да ги проверат, според име и датум, сите неплатени сметки за топлинска енергија на нивните станови и деловни простории и да ги платат по електронски пат, без дополнителни трошоци. Преку новата BegEPay услуга може да се платат сите доспеани сметки, односно фактури, освен оние кои се предмет на тужба.

За да може потрошувачот да го користи системот за електронско плаќање на сметките потребно е да се регистрира, односно да креира свој кориснички профил, следејќи го упатството поставено на web страницата на БЕГ– Снабдување.

Воведувањето на новиот систем за електронско плаќање е резултат на определбата на БЕГ- Снабдување секогаш да им излегува во пресрет на барањата и потребите на потрошувачите. Во таа насока компанијата започна и со достава на сметки, односно фактури на кои сега се претставени сите податоци според кои се врши пресметката на надоместокот за топлинска енергија што на потрошувачите им овозмжува детален и прецизен увид на нивните трошоци.

Истовремено, компанијата воведува и новина во делот на бојата на фактурите, во зависност од статусот на неплатените сметки, односно фактури. Имено, отсега потрошувачите кои немаат заостанати неплатени сметки за греење ќе добиваат сметки со бела боја, оние со две неплатени сметки ќе добијат сметка со жолта боја, а оние со три или повеќе неплатени сметки ќе добиат сметка со црвена боја.

За сите детали поврзани со сметките потрошувачите може да се информираат на еден од следните начини:

  • Со популнување формулар на веб-страницата на БЕГ-Снабдување;
  • Да се јават на телефонскиот број на Центарот за грижа на потрошувачи – (02) 3076 200;
  • Да испратат СМС порака на мобилниот телефон 076/350 567;
  • Преку е-пошта на: contact@beg-snabduvanje.com.mk;
  • Или да дојдат во Центарот за грижа на потрошувачи на ул. „Лондонска“ бр. 8, секој работен ден, од 08:00 до 19:00 часот и во сабота од 08:00 до 13:00 часот.