Често поставувани прашања и одговори


1. Во кој период се врши снабдување со топлинска енергија?

Одговор
Снабдувањето со топлинска енергија по правило се врши во периодот од 15 октомври во тековната, до 15 април во наредната календарска година.

По исклучок, снабдувањето со топлинска енергија на потрошувачите може да почне и пред 15 октомври, но не и пред 1 октомври, доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12 ˚С, според податоците од Управата за Хидрометеоролошки работи на Република Македонија. Снабдувањето со топлинска енергија на потрошувачите може да се врши и по 15 април, но не подоцна од 30 април, доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12 ˚С, според податоците од Управата за Хидрометеоролошки работи на Република Македонија.

Конечната одлука за испорака на топлинска енергија во деновите пред 15 октомври и по 15 април ја донесува Регулаторната комисија за енергетика, согласно известувањето од страна на регулираниот производител на топлинска енергија за исполнување на гореспоменатите услови.

2. Кои се главните обврски на потрошувачот?

Одговор
Главни обврски на потрошувачот се:

Да потпише договор за снабдување со топлинска енергија,

Да ја одржува техничката и функционалната исправност на грејната инсталација,

Да ги плаќа фактурите за греење.

3. Зошто исклучен потрошувач во колективен станбен објект добива фактура?

Одговор
Согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија донесени од Регулаторна комисија за енергетика на Република Македонија, сите исклучени потрошувачи во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред на топлинска енергија, должни се да го плаќаат надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно тарифниот систем за топлинска енергија.

4. Од што се состои надоместокот на мерното место?

Одговор
Надоместокот на мерното место се состои од надомест за ангажирана топлинска моќност (фиксен дел) и надомест за потрошена топлинска енергија (варијабилен дел). Снабдувачот е должен по добиените податоци од Дистрибутерот за испорачаната топлинска енергија на ниво на мерно место, да го пресмета надоместокот на топлинска енергија на ниво на потрошувач.

5. Од што зависи потрошената топлинска енергија?

Одговор
На големината на потрошената топлинска енергја диминантно влијание има климата, термичките карактеристики на објектот, температурната регулација на објектот. Во објектите каде се испорачува поголема топлинска енергија од потребната, потрошувачот може да пријави во диспечерскиот центар на Дистрибуција на Топлина Балкан Енерџи Дооел Скопје на телефон 3076-200, или писмено да се обрати до својот Снабдувач.

6. Како се врши задолжувањето на потрошувачите од категоријата станбените потрошувачи на 12 месеци?

Одговор
Потрошувачите кои го плаќаат надоместокот за топлинска енергија во 12 месечни рати се задолжуваат со авансни фактури во периодот од август до април, додека во месеците мај, јуни и јули добиваат порамнителни фактури со кои се врши израмнување на задолженијата согласно авансно фактурираниот износ во периодот од август до април и потрошената топлинска енергија во грејната сезона од октомври до април.
Основа за дефинирање на авансната фактура е прогнозираната потрошувачка на топлинска енергија за тековната грејна сезона, прогнозирани параметри за ангажираната моќност и грејна површина на објектот како и важечките тарифни ставови за ангажирана моќ и топлинска енергија.

7. Како се врши задолжувањето на потрошувачите од категоријата деловни потрошувачи?

Одговор
Деловните потрошувачи не добиваат порамнителни фактури. Фактурите кај деловните потрошувачи за период мај – септември се состојат само од надомест за ангажирана топлинска моќност (фиксен дел), за да во периодот октомври-април фактурите кој ги добиваат деловните потрошувачи се состојат покрај од надомест за ангажирана топлинска моќност, и надомест за потрошена топлинска енергија.

8. Зошто некои потрошувачи добиваат повисоки порамнителни фактури?

Одговор
Повисоки порамнителни фактури може да се добијат од следниве причини:

Пониска надворешна тепмература од проектираната при изготвување на авансите фактури,

Прегревање на објектот – Повисока температура во домот значи и поголема потрошувачка на топлинска енергија, што е правопропорционално со големината на порамнителната фактура.

9. Што доколку потрошувачот ја нема добиено фактурата?

Одговор
Доколку потрошувачот од која било причина најкасно до 15 во тековниот месец не добие фактура за претходниот месец, должен е истата да ја побара од Снабдувачот, во спротивно ќе се смета дека истата му е навремено доставена.
Фактурата е потребно да се плати до валутата (рокот на плаќање) определен на самата фактура.

10. Каква е процедурата во случај кога температурата во станот е помала од 20°C?

Одговор
Доколку потрошувачот е незадоволен од квалитетот на греење во станот, може да поднесе барање за проверка на квалитет. Барањето за проверка на квалитет се поднесува во наплатните центри на Снабдување со Топлина Балкан Енерџи Дооел Скопје. По поднесеното барање, Снабдувачот ќе изврши мерење кога за тоа ќе се создадат временски услови. Доколку измерените температури се под 20°C се доделува решение за процентуално ослободување за тековната грејна сезона.

11. Зошто е потребно потрошувачот да склучи договор за снабдување со топлинска енергија?

Одговор
Согласно член 6 од правилата за снабдување со топлинска енергија снабдувачот и потрошувачот потребно е да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со цел регулирање на своите права и обврски. Договорот потрошувачите можат да го склучат во наплатните центри на Снабдување со Топлина Балкан Енерџи Дооел Скопје.

12. На која собна температура се загреваат просториите?

Одговор
Пропишаната собна температура е 20+1 °С, согласно Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија за греење донесени од Регулаторната комисија за eнергетика.

13. Дали може да се покачи или намали собната температура во станбени згради?

Одговор
Колективните станбени згради, со согласност од сите станари (или преку заедницата на станари) може да побараат од својот Снабдувач промена на собната температура. Снабдувачот барањето ќе го проследи до Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи, која истото треба да го спроведе. Потрошувачите во индивидуалните станбени објекти, најчесто имаат пристап до своите топлински станици и можат по желба самите да си го регулираат греењето.

14. Зошто моите радијатори не се “жешки”?

Одговор
Единствен критериум за квалитетот на греењето е собната температура, а не колку се радијаторите загреани. Температурата на водата во нив се регулира автоматски во топлинската станица, во зависност од температурата на надворешниот воздух. Кога надвор е поладно, потребата за греење на објектот е поголема, па радијаторите се позагреани. Обратно, на потопло, потребно е пропорционално помалку топлинска енергија, за одржување на постојана собна температура.

15. Имам проблем со греењето. Каде да се обратам и кој треба да интервенира?

Одговор
Проблемот треба да го пријавите во Центарот за грижа на потрошувачи и наша екипа ќе дојде да провери дали станува збор за проблем во топлинската станица или локален проблем, на едно или повеќе грејни тела (во станот или локалот), и соодветно ќе интервенира или ќе Ве информира каде точно е проблемот и што можете понатаму да преземете, со оглед на тоа дека одржувањето на внатрешната инсталација е ваша обврска.

16. Плаќам редовно, а немам греење кога надвор малку ќе се стопли. Зошто?

Одговор
Согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија, донесени од Регулаторната комисија за енергетика, Снабдувачот е должен во периодот од 06-22 часот да ви ја одржува пропишаната внатрешна температура од 20+1 °С. Времето на испорака на топлинска енергија зависи од надворешните услови. Во најладните месеци е најдолга испораката, додека пак во потоплите месеци топланите работат со дневни прекини кога е висока надворешната температура. Условите (надворешна температура, временски услови и сл.) при кои се врши испорака и прекин на работата на топланите се детално објаснети во Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија за греење.

Земајќи во предвид дека потрошувачката на топлинска енергија се регистрира на мерилото во топлинската станица и дека според неа се изготвуваат сметките за греење, јасно е дека колку повеќе се греете, толку повеќе плаќате. Периодите кога немате греење (пример кога системот е исклучен на високи надворешни температури), на мерилото не се регистрира енергија, односно сметката која ја плаќате е само за потрошената топлинска енергија. Свесни сме дека има потрошувачи кои би сакале да грееме без прекин, но секако дека има и такви кои се против тоа и сакаат да заштедат повеќе. Сведоци сме за порастот на цените на горивата и енергијата низ целиот свет. Затоа, сите ние мора да посветуваме повеќе внимание на енергетската ефикасност на објектите и инсталациите, односно на разумното користење на енергијата. Во тој контекст, непрекинато греење на високи надворешни температури (кога е непотребно), ќе значи повисока собна температура од пропишаната и повисока сметка за сите корисници. Токму затоа, постојат технички прописи кои го регулираат ова прашање.

17. Зошто немам греење заради дефект во внатрешна инсталација на друг корисник? Треба да се грејам на струја, а плаќам за парно.

Одговор
Доколку кај некој корисник се јави течење, а истото не може да се изолира, потребно е да се затвори топлинската станица и да се испразни водата од инсталацијата за да се спречи поголема штета. Внатрешната инсталација е заедничка за сите или за дел од потрошувачите (таму каде има повеќе топлински станици) во еден објект. Радијаторите се поврзани преку систем на цевководи со топлинската станица и затоа кога таа е затворена, ниту еден потрошувач нема греење. Во периодите кога заради ваков дефект немате греење, објектот не троши енергија и вашата сметка ќе биде соодветно помала. Инсталацијата се полни кога потрошувачот, од каде било пријавено течењето, пријави во Центарот за грижа на потрошувачите дека дефектот е отстранет.

18. Зошто немам греење кога нема струја до топлинската станица?

Одговор
Пумпите во топлинските станици служат за да се обезбеди циркулација на топлата вода низ внатрешната грејна инсталација на објектите. Тие не можат да работат кога нема довод на електрична енергија до топлинската станица. Согласно Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија, донесени од Регулаторната комисија за енергетика, станарите се должни да ја доведат електричната енергија до топлинската станица, односно да ги отстранат евентуалните дефекти и да ги плаќаат трошоците за потрошувачката на електрична енергија.

19. Течење! Што да правам?

Одговор
Ако течењето е поголемо, задолжително пријавете го на телефонот за рекламации (02) 3076-200, кој работи постојано (24/7) во грејната сезона и во најкраток можен рок ќе дојде дежурната екипа за да го запре течењето. Санирањето на дефектот во внатрешната инсталација не е во надлежност на Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи и за тоа треба да побарате сервисер за внатрешна инсталација. А, доколку станува збор за помало течење (капење, влажење) и интервенцијата не е итно потребна, не мора да го пријавувате течењето во Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи и можете директно да побарате сервисер за внатрешна инсталација.

20. Сакам да се испразни водата од објектот. Што треба да направам?

Одговор
Треба да појдете во наплатен пункт на вашиот Снабдувач (Запад, Исток или Центар), да пополните барање и уплатите за испуштање на водата. Барањето ќе биде проследено до Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи и одговорното лице ќе ве контактира за да го договори со вас датумот и времето кога испуштањето ќе се изврши. Во текот на грејната сезона, ваквите интервенции по правило се вршат навечер, по прекин на работата на топланите. Преку ден не се испушта вода затоа што останатите потрошувачи би биле без греење. Вон грејна сезона, рокот на држење на инсталацијата без вода е 7 дена. По завршетокот на Вашата интервенција, должни сте тоа да го пријавите во Диспечерскиот центар на (02) 3076-200, по што нашата екипа ќе дојде и ќе го наполни објектот.

21. Живеам во станбен објект. Чии се цевките (вертикалите) кои поминуваат низ мојот стан? Дали може да ги исечам ако не се грејам на парно?

Одговор
Не. Во колективните станбени објекти важат одредени правила на заедничкото живеење. Согласно Законот за домување, составен дел од станбените згради и заедничка сопственост на сите станари се меѓудругото, заедничките инсталации, уреди и опрема. Значи, вертикалите не се ваша сопственост, туку заедничка сопственост на станарите. Доколку ги исечете вертикалите во вашиот стан, директно ќе бидат погодени потрошувачите кои се снабдуваат со тие вертикали. Затоа е недозволено и е казниво со 300 евра глоба по Законот за домување.

22. Живеам во куќа и имам пристап до топлинската станица. Заради новиот режим на работа на топланите, ноќе добивам греење. Како можам да си го регулирам греењето по сопствена желба?

Одговор
Имате повеќе опции. Првата е рачна регулација, која по правило се врши на вентил на повратниот цевковод во топлинската станица и голем број на корисници во индивидуални објекти тоа го практикуваат. Втората опција е да инвестирате во регулациона опрема во топлинската станица. Во основа, тоа може да биде ON-OFF вентил со тајмер, кој ќе може да се програмира да отвора и да затвора кога вас ви е потребно и со кој ќе командувате вие – далечински, од соба или на лице место (зависи од изборот). Така би можеле да штедите во периодите кога не сте дома. Имајте во предвид дека вентилот треба да ги задоволува техничките критериуми – притисок до 16 бари и температура до 120 °С, а се монтира на повратниот цевковод на примарниот дел од топлинската станица. Другата варијанта е нешто посложено, но подобро решение, кое се состои од топчест вентил со електромоторен погон и контролер поставен во соба, кој ја мери и одржува постојана внатрешната температура, по ваша желба. Исто така може да се подесуваат и периоди на греење. Ваква опрема можете да набавите од фирми кои се работат со греење.